По година и пол мандат градоначалникот Петре Шилегов најавува конечно финализирање на стационарот „Вардариште“, па финализирање на финализирањето, се слика со кучиња по маси и преку медиумите најавува учество на здруженијата во тамошното управување, реагираат од Здружението за заштита на животни „Анима мунди“.
Во продолжение интегрално Ви го пренесуваме соопштението од Анима Мунди:
Јавноста е веќе запознаена дека Градот Скопје формираше ново Јавно претпријатие Лајка – Скопје, со примарна и единствена дејност хуман третман на бездомните животни, а во одлуката за формирање на претпријатието се велеше дека „во креирањето на организацијата на претпријатието и неговите органи ќе бидат вклучен и НЕВЛАДИНИОТ СЕКТОР СО ИСКУСТВО ВО СФЕРАТА НА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНИТЕ, со цел бројот на кучињата скитници да биде сведен на минимум и тоа на начин кој ќе обезбеди нивна благосостојба, но истовремено да гарантира безбедно и непречено движење на граѓаните на јавните градски површини.“
Лажни се сите „добронамерни” мотиви на Градот Скопје, со оглед на тоа што утре заседава Советот за именување претседател и членови на Управниот и Надзорниот одбор на ЈП Лајка- Скопје, а здружението Анима Мунди кое постои 10 години и дејствува во континуитет, мобилизира активисти, кое спасува, стерилизира, вдомува и лекува улични животни, кое има публикувана повеќегодишна Стратегија за надминување на проблемот со бездомните кучиња со која ќе се гарантира јавната безбедност и здравствена заштита на населението НЕ Е НИТУ КОНТАКТИРАНО, НИТУ КОНСУЛТИРАНО НИТУ ПАК ПОКАНЕТО ДА ПРЕДЛОЖИ СООДВЕТНИ ЛИЦА ЗА УПРАВНИТЕ И НАДЗОРНИТЕ СТРУКТУРИ.
Како што е наведено во одлуките кои треба да се разгледуваат утре, од активистите од невладиниот сектор со искуство од сферата, градот предлага ЧЛЕНОВИ ОД НОВОФОРМИРАНА организација Biker Paws (21 март 2019 година), активисти кои не ги познаваме, НА КОИ ПРОЈАВЕНИОТ ЕНТУЗИЈАЗАМ ЗА ОФОРМУВАЊЕ И ПОЗИТИВНИ ОПШТЕСТВЕНИ ПРОМЕНИ ВРЕМЕНСКИ ИМ КОИНЦИДИРА СО ПЕРИОДОТ НА ОФОРМУВАЊЕ НА ЈП ЛАЈКА.
Со исклучок на Теона Георгиевска која е активист кој подолг период спасува кучиња од Вардариште, спорен е предлогот на секој од наведените лица.
ГРАДОНАЧАЛНИКУ ШИЛЕГОВ, ВИ СЕ ОБРАЌАМЕ ЈАВНО – немаме ништо против никого, не не изненадува што во управните и надзорните одбори си предлагате и ставате ваши подобни и/или партиски луѓе, но не го ставајте активизмот во уста напразно и лажно! Приказната дека Вардариште е на активистите е манипулација и лага. Ова се некои ваши активисти кои сега прв пат стапнуваат во Вардариште.
Ние нема да дозволиме новоформирано здружение со искуство од неполни 2 месеца да биде некакво покритие со кое ќе демонстрирате лажна отвореност кон граѓаните и подготвеност за соработка!
Нема да дозволиме нечие неискуство, недоволни знаења или дискутабилни намери бидат параван за утрешниот неуспех да биде припишан на граѓанскиот сектор!
Долгогодишните активисти за права на животните и се единствени кои ја познаваат оваа проблематика и имаат капацитет и ентузијазам да го стават проблемот под контрола а потоа и решат. Тие со сите сили се борат за животните и кога е потребно за нив излегуваат на улица.
Вие одлучивте да демонстрирате сила и ја покажете вашата умисленост дека умеете и знаете се.
Анима Мунди како здружение кое бесплатно ви го стави на располагање своето искуство и знаење го исклучивте свесно и наменски.
Вам ќе ви биде припишан секој неуспех, кој е речиси сосема извесен.
Ова е една комплексна и деликатна област; горечки проблем кој опфаќа живи битија и ги засега сите, и животните и граѓаните.
Жителите на град Скопје немаат време за вашата генерална проба. А ние немаме никаква доверба во Вашите добри намери и будно ќе го следиме секој чекор на надлежните служби кои сте ги поставиле по личен избор. На крајот секој за стореното ќе сноси одговорност, во тоа бидете уверени.
Со почит,
Активисти на Анима Мунди