Околу 80 отсто од домаќинствата во Арачиново денес немаат струја. Од ЕВН Хоме за ТВ21 потврдуваат дека во понеделник наутро во општината дошло до голем дефект како последица на големото преоптоварување на трафостаниците поради континуираното незаконско користење на струјата од страна на жителите.
„Во Арачиново нашите екипи често се соочуваат со вербални и физички напади од страна на жителите, што го оневозможува извршувањето на работата во целина. За да се работи мора да се создадат услови за нормално функционирање и работа, како за дефекти, така и за реконструкција и модернизација на мрежата. Се додека нема нормални услови за работа и има пречка во извршувањето на работата, нема да има можност за реставрирање“, велат од ЕВН.