Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска се сретна со амбасадорката на Кралството Шведска, Кристин Форсгрен Бенгтсон, како и со Микаел Атерхог, раководител за соработка и развој во амбасадата.
На средбата се разговараше за тековните проекти на кои работи Градот Скопје за подобрување на условите во кои живеат граѓаните, како и за идните активности каде во соработка со програмите овозможени од амбасадата ќе се овозможат решенија за подобрување на состојбите во однос на животната средина.
-Посветено работиме на заштитата на животната средина, а особено внимание посветуваме на подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух. Во таа насока, приоритет во нашата работа е чистењето на дивите депонии кои се извор на загадување, стимулирањето на алтернативните видови превоз и набавката на екоавтобуси, рече Арсовска.
Арсовска и Бенгтсон разговараа и за остварувањето на женските права и за застапеноста на жените во институциите на системот, со што ќе се подигне свеста за рамноправност и интегрирање на жените во сите сфери на општествениот живот.
На денешниот состанок се зборуваше и за продлабочување на соработката меѓу Град Скопје и амбасадата на Кралството Шведска во нашата земја во однос на проекти кои се од важност на граѓаните, а кои може да се применат по примерите во Шведска.