Данела Арсовска, независната кандидатка за градоначалник за Град Скопје, вечерва на митингот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Ѓорче Петров, ги посочи проектите кои ќе бидат клучни за општина Ѓорче Петров и Скопје:
-Од проектите за општина Ѓорче Петров важно е поврзувањето на булевар „Словенија“, со Ѓорче Петров, така ќе се финализира онаа внатрешна обиколница и ќе го олесни движењето низ градот;
-Поврзувањето со четири ленти на булевар „Теодосиј Гологанов“ до раскрсницата на булевар „Ѓорче Петров“ ќе биде еден од приоритетите;
-Изградба на Спортски комплекс, со трим и вело патеки, со терени за ракомет, кошарка, одбојка и многу други содржини за кои вие самите кажавте дека ви е неопходно тука во Ѓорче;
-Ќе се уреди коридорот на реката Лепенец, со велосипедски патеки, со фитнес зони, со детски катчиња за најмладите, со катчиња за пензионерите, да се придонесе кон уредување на овој заборавен дел од Ѓорче;
-Кучковци повеќе не смее да немаат вода за пиење со месеци, не е дозволиво, луѓето не смеат да бидат заборавени заради ароганцијата и мрзливоста на еден човек;
-Ќе се субвенционира вистинска енергетска транзиција, преку енергетски ефикасни фасади, преку соларно фотоволтаични панели, преку инвертер клими, топлински пумпи за домаќинствата;
-Оние дивите депонии за кои Шилегов снимаше спотчиња, а ние ги гледаме секој ден, како онаа во Ново село, која гори и согорува опасен отпад секој ден, ќе ги расчистиме за точно 82 дена.
Арсовска истакна дека треба да се стави крај на празното политиканство и трошење на парите на скопјани за непостоечки проекти.
Проект не е асфалтирање на улица, туку тоа е обврска на градоначалникот, сега е времето да се бориме за Скопје, за да живееме во подобар и поубав град, затоа ја барам вашата поддршка да избере убави промени во Ѓорче, за модерно Скопје и за поубава Македонија, посочи Арсовска во Ѓорче Петров.