Од големи ветувања очекувања до големи неуспеси и разочарувања. Така накратко може да се опише мандатот на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов. Тунели, мостови, булевари, решавање на сообраќаен хаос, чист воздух беа најголемите ветувања на Шилегов кои скопјани со нетрпение ги очекуваа, а не ги добија.
Неуспех до неуспех, а уште еден во низата се помпезно најавуваните тунели под Кале. Вчера тунелите „пропаднаа“. Проектот ќе мора да почека некои други времиња или друг градоначалник кој ќе го сработи.
Град Скопје го раскина договорот со фирмата „Мега инженеринг“, бидејќи не ги испочитувала роковите за старт на градежните работи. Договорот беше потпишан во јуни минатата година, а градежните работи имаа рок од 6 месеци кои наводно заради сложеноста на проектот се продолжија за уште 6 месеци, но и по година од договорот не е ни започнат.
За потсетување, ова не е прв неуспех за истиот проект, претходно во февруари 2019 година беше поништен тендерот за избор на фирма која требаше да ги проектира тунелите.
Дали станува збор за неподобноста на компаниите или постојат и други бирократски и позадински кочници, тоа допрва треба да се дознае. Тоа што се знае е дека Шилегов вети, а не испорача тунели.
Планот беше делницата да ја спои пластичарската улица во Чаир со булеварот Свети Климент Охридски во Центар, каде требаше да се пробива тунел под Калето, а потоа мост Вардар кај Владата. Ова наводно требаше да ги реши гужвите во скопскиот сообраќај. За жал ќе се почека.
Почетокот на реализација беше најавен лично од Шилегов уште на 24 септември 2018 кога тој вети дека во септември 2019 скопјани ќе може да го очекуваат стартот на проектот. Дојде септември 2020 единствено што видовме е пропаднат проект кој ќе чека подобри времиња и подобар градоначалник.