На вчерашната седница на Советот на Град Скопје советникот Луке Галески му постави советничко прашање на градоначалникот на градот Скопје Петре Шилегов за дивоградбите на Матка кои се толерирани од страна на градот и надлежните институции.
– Поаѓајќи од тоа дека градот има одлична соработка со општината Сарај што може да се види од актуелните неколку меморандуми за соработка помеѓу Градот Скопје и општината, зошто оваа добра соработка не се пресликува кога треба да се спроведе законот и да профункционираат правилата во случајот со дивоградбата на Матка. Останавте неми на урбаното дивеење во заштитената зона иако ги имавте сите информации, истакна советникот Галески.
Тој запраша дали зад ваквото толерирање на безаконието и непринципиелна политика беа контигентите гласови кои се случија на последните избори.
Шилегов се прогласи за ненадлежен за дивоградбата истакнувајќи дека Градот констатирал дека постои дивоградба и истиот случај го пријавил во антикорупциската комисија. Тој посочи дека ВМРО ДПМНЕ кога беше на власт е партијата која се пазареше со законите, правото за сметка на криминалот.
Советникот Галески одговори дека Шилегов покрај ветувањата за сузбивање на урбаната мафија сега се прогласува за ненадлежен што укажува на фактот дека нема континуитет на ставовите. Воедно посочи дека кога станува збор за политички пазарења партијата на Шилегов беше таа која смени Устав во пат на притисоци и пазарења и тоа не е силна страна за која треба да говори Шилегов.
Воедно немаше никакви информации дали Шилегов побарал одземање на ингеренциите на Општина Сарај од страна на владата со цел спроведување на законите.