Договорот со здружението на приватни превозници „Слобода Превоз“ денес е раскинат поради неисполнување на обврските кои произлегуваат од договорот. Во случајов, се работи за обврската за континуирано и непрекинато давање на јавната услуга за превоз на патници. За жал „Слобода Превоз“ повеќе од два дена во континуитет не ја извршуваше оваа договорна обврска со што поради непочитување на договорот истиот е раскинат, информираат од Град Скопје.
„Ги повикуваме сите приватни превозници да се јават на јавниот повик кој ќе биде објавен во текот на следната недела.
Сметаме дека со овој модел, склучување на директни договори за јавен градски превоз со индивидуални превозници ќе придонесе за поголема транспарентност на процесот и полесно разрешување на потенцијални проблеми.
Градскиот јавен превоз функционира непрекинато, а ЈСП Скопје во овој момент има доволно капацитети да ги задоволи потребите на скопјани.
Апелираме до „Слобода Превоз“ да ја ревидираат одлуката за блокирање на главниот град, бидејќи на тој начин нема да постигнат разрешување на проблемот, напротив, на овој начин проблемот се продлабочува. Скопјани не се должни да бидат колатерална штета, поради нерационалните барања на „Слобода Превоз“. Со уцени, нема договор“ – велат од Град Скопје.
Координативното тело на приватните превозници донесе одлука на кој начин ќе го оддржи утрешниот протест.
Со почеток во 6 часот ќе бидат блокирани Илинденска, од семафорите после Влада до МИ-ДА.
Блокирањето ќе биде само на десните ленти.
Според најавите, доколку не се постигне договор до понеделник, приватните превозници ќе ги блокираат крстосниците кај „Мавровка“, „Црвен крст“ и „Илинденска“.
Се очекуваат 200 автобуси да бидат паркирани за време на протестот.
По најавите на Град Скопје дека договорот е раскинат, се очекува протестите да го блокираат Скопје.