ЈСП Скопје оспособи 45 апарати од Интегрираниот тарифен систем во секундарната продажна мрежа, што значи дека освен во 32 билетарници на ЈСП Скопје, „Скопска“ може да се надополнува и на уште 45 локации (маркети, трафики и слично) на најфрекфентните места низ градот/општините. Планирано е до среда(6.06.2018) во функција да бидат ставени уште 15 апарати, информираат од ЈСП.
-Сакаме да потенцираме, дека ЈСП Скопје уште истиот ден (28.05.2018) кога истече договорот со фирмата-мастер дилер за продажба на нашите услуги почна да ги оспособува апаратите во секундарната продажна мрежа.
Во меѓувреме, ЈСП Скопје објави јавен повик до сите заинтересирани субјекти за соработка, што значи дека продажната мрежа ќе се шири. На колку дополнително места ќе може да се купува/надополнува „Скопска“ независно од досегашната развиена мрежа, ќе зависи од интересот на субјектите до кои има јавен повик за соработка.
Со оглед на досегашниот пројавен интерес, очекуваме во скоро време секундарната мрежа за продажба на нашите услуги да се прошири за значителен број локации. Во случајов, за секој нов склучен договор за соработка со заинтересиран субјект, што практично значи нова локација за купување/надополнување „Скопска“, корисниците на нашите услуги ќе бидат навремено информирани преку средствата за јавно информирање, социјалните мрежи, веб страната на ЈСП Скопје и слично, велат од ЈСП.