Наместо во депонија, двајца несовесни граѓани со камион се ослободија од сметот во Трнодол, на падините на Водно.
Аматерското видео од овој настан што се случил вчера, ги обиколи социјалните мрежи и предизвика револт кај жителите на населбата.
Канал 5 денеска го посети местото, и она што можеше да се види таму е дека сметот постојано се трупа пред дворовите на жителите на населбата,а долот веќе наликува на мини депонија..
Ова не е прв случај да се одлага отпад на локацијава. Долот е речиси полн со градежен смет, зеленилото се уништува, а општината не поседува механизација со која би го исчистила.
Од општина Карпош велат дека се запознати со случајот.
-Најостро се спротивставуваме на кажаното во видеото дека О.К. дала дозвола за фрлање на градежен шут на оваа локација. Напротив, како локална самоуправа ние се бориме против создавањето на вакви диви депонии, велат од општината и додаваат дека немаат механизација со која можат да го расчитат просторот.- ОПШТИНА КАРПОШ.
Градоначалникот Шилегов вели дека констатирана е состојбата од лице место и дека ќе се спроведат законски санкции.
-Во текот на измените на кривичниот законик, делот, односно главата која што се однесува на животната средина, веќе од прекршочна да премине исклчучиво во кривична, и таков случај каков што го имавме вчера, да завршува и со заплена на возилата, истакна градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.
Шилегов додаде дека е добро граѓаните да алармираат за ваквите постапки, бидејќи градот засега има дваесетина инспектори за животна средина кои се недоволни. Градоначалникот соопшти дека инсиститира градот да добие комунална полиција која ќе има и превентивна улога.