На иницијатива на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска Советот на Град Скопје донесе одлука за воспоставување меѓуопштинска соработка со Општина Ѓорче Петров за асфалтирање на повеќе улици во неколку населени места на територијата на општина Ѓорче Петров.
Со оваа одлука е предвидено Град Скопје и Општина Ѓорче Петров да воспостават соработка со цел асфалтирање на поголем број на улици во пет населени места, односно во Волково, Кисела Јабука, Даме Груев, Ново Село и Стопански Двор.
Со оваа одлука е предвидено асфалтирање на следните сообраќајници:
– Во село Волково ќе се асфалтираат 12 улици, односно ул. 83, ул. 100 десен крак, ул. 73, ул. 74 и ул. 78, ул. 80 Пржина, ул. 81 крак 1; 2 и 3 лево и ул. 81 крак 4 десно;
– Во населбата Кисела Јабука ќе се асфалтираат 7 улици, односно ул. 4, ул. 6, краци на улиците 46 и 46а и ул. 68, ул. 10 и ул. 34;
– Во населба Даме Груев ќе се асфалтира ул. „Антон Кецкаров“ кон касарна лево;
– Во Ново Село ќе се асфалтираат 3 улици, односно улицата пред ООУ „Тихомир Милошевски“ крак десно и лево, како и краци на улиците 2 и 4;
– Во населба Стопански Двор ќе се асфалтира улица 52 краци десно.
Проценетата вредност на овој проект изнесува околу 26 милиони денари и тоа Град Скопје ќе издвои средства во износ од 25 милиони денари, додека Општина Ѓорче Петров ќе учествува со милион денари и со изработка на техничка документација.