Либерално-демократската партија најостро ги осудува вчерашните случувања на седницата за советнички прашања во Советот на Град Скопје и апелира до надлежните конечно да започнат да се занимаваат со решавање реалните проблеми на граѓаните, а не да измислуваат нови.
-Вчерашната седница и односот на поединци кон институцијата Совет на Град Скопје, особено од страна на градоначалничката Данела Арсовска и претседателот на Советот, Трајко Славески, е само уште еден чекор во деградирањето и дерогирањето на институцијата. Сведоци сме на зголемено незадоволство, како на вработените во градските служби и јавни претпријатија, така и на граѓаните на Скопје, кои секојдневно наоѓаат начини како да се изборат со пречките кои Град Скопје ги секојдневно ги поставува. Наместо Брз рапид транзит систем, добивме нефункционален јавен превоз, а наместо колекторски систем на реката Вардар, добивме метропола со ѓубре и отпад на сите страни и загаден амбиентален воздух. Наместо пристојни услови за живот, добивме штрајкови, протести и незадоволство од секоја пора на градот. Вчерашната седница за советнички прашања беше само кулминација на хаосот и безредието кои веќе една година владеат во главниот град, истакнуваат од ЛДП.
ЛДП апелира до советниците и градоначалничката да бидат одговорни пред граѓаните, да не ги трошат народните пари на приредување циркузи и конечно, да се зафатат со решавање на проблемите на Скопје и скопјани. Само така, со искрена желба и напорна работа, ќе имаат шанса да им докажат на гласачите дека градските служби навистина работат во интерес на граѓаните, додаваат од таму.