„Без никаков сомнеж мој врвен приоритет е таму каде што имам добиено директни избори и довербата на граѓаните, а тоа е општина Аеродром. Тоа е општина која што земајќи ја во предвид оваа криза се справува со сериозни проблеми како и еден пример би дал разликата во делот на трошоците кои што ќе ги имаме за енергенси оваа година за разлика од претходната буџетска година ќе биде повеќе од еден милион евра што значи толку ќе биде оштетен буџетот на Општината. Но, сепак ние имаме план и стратегија да ги испорачаме сите ветувања кои што ги имаме дадено во текот на кампањата и покрај сите предизвици“, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на општина Аеродром, Тимчо Муцунски во гостување во централниот дневник на Сител телевизија.
Муцунски додаде дека сериозен проблем во општина Аеродром е со местата во градинки. А, тоа се случува поради лошо урбанистичко планирање од претходната локална власт.
„Во првата година од нашиот мандат планираме да отвориме нова градинка со повеќе од 250 места. А, до крајот на нашиот мандат три нови градинки“, нагласи Муцунски.
Муцунски посочи дека се работи и на архитектонски решенија и наскоро ќе се започне со реализација на доградби и проширување на капацитети на две основни училишта. Се работи и на изградба на два до три нови паркови во следните неколку години кои што ќе ги подобрат состојбите со рекреацијата. Граѓаните кои што живеат позади Капитол мол наскоро треба да очекуваат дека ќе добијат нов плоштад.
TOP„Имам чест и привилегија да работам на реализација на опипливи проекти, не само да зборуваме во политиката туку и да создаваме дела“, укажа Муцунски.