Автобуско метро, трамвај на тракала за на крај да добиеме Бас рапид трансит или на кратко БРТ.
Впрочем најголемата лага на екс градоначалникот Петре Шилегов не беа тунелите под Калето, ниту адреналинскиот зиплај, ниту пак решавањето на проблемот со загадувањето туку неговата лага поврзана токму со изградбата на БРТ системот.
Пред речиси една година откако Шилегов го најави БРТ тој доби неколку различни називи, но ниту еден не беше точен и не ја погоди суштината, имајќи во предвид дека целиот проект на Шилегов се засноваше на узурпирање на дел од веќе постоечките ленти и зелени површини на најголемите булевари во Скопје овозможувајќи создавање на брза лента на која единствено ќе се движат автобуси.
Ниту станува збор за автобуско метро, ниту станува збор за трамвај на тракала туку за приоритетна лента за превоз на патници за која во својата програма „Живот во Скопје за сите“, Шилегов посвети само три реченици, ја претстави како свој личен генијален изум, а не успеа ни да отпочне со реализација во својот мандат од четири години.
Не станува метро бидејќи ниту користи шини, ниту пак се однесува само на централното градско подрачје имајќи во предвид дека БРТ требаше да сообраќа и надвор од центарот на Скопје.
А не станува збор за трајмвај на тракала бидејќи трамваите користат електрична струја, која добиваат преку контакт мрежа со помош на токоприемници (пантографи).
Кога расчистивме дека не станува збор ниту за трамвај, ниту за метро можеме да продолжиме со анализата.
Ваквото сообраќајно решение веројатно ќе требаше да се гради со месеци, што значи дека целиот град кој и онака има сериозен проблем со сообраќајниот метеж дополнително ќе беше блокиран и непрооден, а граѓаните немаше да можат да ги извршуваат своите освновни потреби имајќи во предвид дека овие градежни активности ќе требаше да се одвиваат на главните артерии во градот.
За проширување булеварите и улиците и изградба на приоритетната лента за автобуси ќе требаше да биде десеткувано и онака реткото зеленило во градот.
Предностите кои требаше да ги добијат граѓаните се премали, ако Шилегов милуваше да го спомене скратеното време на патување мораше да напомене дека истиот вид на транспорт предвидуваше помалку застанување, односно помал број на станици на линијата на автобус кој ќе сообраќаше по приоритетната лента.
Проблематична е и ограниченоста која ја предвидуваше овој проект на Шилегов во однос на дестинациите кои ќе ги покриваше со оглед на фактот што оваа автобуска линија ќе сообраќаше само во два правци, Исток-Запад и Север-Југ.
Новата градоначалничка, Арсовска денес го запре тендерот за изградба на брз автобуски превоз, односно Бас рапид транзит.
Од Град Скопје денеска информира дека тендерската постапка за иградба на ваква приоритетна лента е прекината.
„БРТ е релативно непознат концепт за граѓаните на Скопје. Според анализите кои биле изготвени минатата година за потребите на Град Скопје се укажува на бројни недостатоци и ризици од проектот кои ќе имаат влијание врз животната средина, што во никој случај не смее да се дозволи. Како што знаете во моментов се водат преговори со ЕБРД и по нивното завршување граѓаните ќе бидат информирани за договореното“, велат од Град Скопје.
Реалноста е дека Арсовска со стопирање на овој проект им спаси на скопјани 70 милиони евра кои треба да бидат буквално фрлени во вода во време на енергетска и здравствена криза, во време кога секој денар е драгоцен.
Ако велат дека не треба да судиме по амбалажата и дека скапите работи можат понекогаш да дојдат во мали пакувања, трите реченици во програмата на Шилегов за малку граѓаните скапо ќе ги чинеа.