Денеска во Градот Скопје се одржа панел дискусија за подобрување и унапредување на правата на жените, на која беше потпишана Декларацијата за подобрување и унапредување на положбата на женското претприемништво, напиша на Фејсбук градоначалникот на Град Скопје, Данела Арсовска.
-На панел дискусијата учествуваа претставници на јавните препријатија од Градот Скопје, жени на раководни позиции од градската администрација како и претставници на граѓански здруженија. Важно е обезбедување системска поддршка која ќе гарантира економска сигурност и финансиска независност, како и фер третман за овозможување кариерен напредок на жените. Жените се и секогаш биле двигател на промените во општеството, затоа мора да се градат политики кои ќе овозможат економско јакнење на жените, да ги промовираме успешните примери и да придонесеме за нови успеси. Системски да се воспостави механизам за поддршка, да се зголеми учеството на жените во процесот на носење на одлуки, да се подигне свесноста за потенцијалот, затоа што на тој начин го обезбедуваме личниот и колективниот развој во општеството, за сите сегашни и идни генерации, истакна таа.