Продолжува уништувањето на зеленилото во Скопје. Неколку децениски дрва утрово се жртва на сеча во скопската општина Карпош, иако ветувањето на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов во предизборната кампања беше зголемување на во зеленилото, а не негова сеча.
Откако пред само еден месец во Аеродром, Чаир и Карпош се сечеа дрвјата, денес на фејсбук се појави видео каде што јасно се гледа дека повторно во општина Карпош се сечат дрвја. Според објавеното видео сечата се случува на улица Илинденска број 3.
Граѓаните секојдневно гледаат сеча на дрва во главниот град, иако ветувањата на Шилегов беа сосем различни.
Посветени сме да се закитиме со титулата „Скопје – зелена престолнина 2021“. Напорно ќе работиме во поставувањето стандарди за подобрување на животната средина и амбициозни цели за одржлив развој. Нè чека напорна работа во реализацијата. Тимот од експерти е подготвен, со јасен оперативен план. Поднесувањето на пријавата до Европска комисија, во 2021 година, ќе биде празник за нашиот град, гласи проектот на Шилегов насловен како „Скопје- Европска зелена престолнина“.
Во времето додека СДСМ беше опозиција за само едно исечено дрво се правеа вистински скандали и остро се реагираше, од тогашната опозиција тогаш најавуваа дека ќе го разеленуваат Скопје, ветување кое граѓаните не можат да го видат сега.
-На постојаното намалување на зелените површини во градот, ќе одговориме со градење зелени ѕидови. По примерот на современите метрополи, ќе ги покриеме безличните ѕидови со природно зеленило. Заедно со граѓаните ќе ги одбереме зградите на кои ќе се постави зеленилото. Ќе се стремиме и објектите под надлежност на државата да добијат зелен лик. Да го освежиме и да го оживееме градот, гласеше ветувањето на Шилегов.
Граѓаните претходно на останатите акции за сеча на дрвата од страна на градската администрација одговорија со големо незадоволство.