петок, 22. декември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Празен бил резервоарот за нафта во фабриката „Треска“, констатираше ДИЖС

Празен бил резервоарот за нафта во фабриката „Треска“, констатираше ДИЖС
фото: курир

Резервоарот за нафта во поранешната фабрика за мебел „Треска“, во која неодамна се случија два пожари едноподруго, е празен, констатирал Државниот инспекторат за животна средина. Во третиот инспекциски увид во последните денови, инспектори на ДИЖС и на Општината Центар го посетиле местото каде се наоѓа резервоарот за нафтени деривати и утврдиле дека е изграден согласно тогашните постоечки стандарди и прописи со бетонска танквана за зафаќање на течност во случај на неконтролирано истекување на деривати, пренесува Мета.мк.

– При визуелниот увид присуствуваше и стечајниот управник на „Треска мебел“, Радослав Кипровски кој информираше дека резервоарот е празен уште од времето кога е почната стечајна постапка во 2005 година односно кога немало веќе финансиски средства за набавка на деривати и практично не се користел, информираат од ДИЖС.

На барање од Општината Центар, идната недела Државниот инспекторат за техничка инспекција ќе направи и вонреден инспекциски надзор за да се утврди точната состојба со резервоарот за нафтени деривати. За надзорот се направени консултации со инспектор на Дирекцијата за заштита и спасување, а ќе биде известено и МВР. Сопственикот на објектите добил и насоки да изготви писмо за намера за отстранување на постоечки објекти во поранешна фабрика Треска и да го достави на мислење до МЖСПП.