недела, 31. декември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Шилегов излажа за стационарот Лајка

Шилегов излажа за стационарот Лајка

Стационарот Лајка никако да се отвори, иако градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов преку Фејсбук статус во месец јули објавувајќи фотографии информираше дека новиот стационар за вдомување на кучиња скитници е готов, но дека ќе биде отворен веднаш по одржување на предвремените парламентарни избори.

-Отворање после изборите, Скопје нема да застане, напиша Шилегов на Фејсбук.

Но, поминаа веќе два месеца од изборите, а стационарот Лајка се уште не е пуштен во употреба. На 25-ти август годинава, Шилегов во изјава рече дека се очекува истиот да биде отворен кон првата половина на месец септември, како и дека двете оперативни сали веќе се целосно опремени, но дека се предмет на анализа на Агенцијата за заштита на храна и ветерина.

-Стационарот Лајка очекувам да биде отворен кон првата половина на септември. Двете оперативни сали за животни веќе се целосно опремени и тоа ќе биде предмет на анализа на Агенцијата за заштита на храна и ветерина. Кога ќе почне да работи, ќе почне во полн капацитет, изјави градоначалникот Шилегов.

Долго очекуваниот стационар Лајка имаше веќе неколку одложувања за датум на отворање, за деновиве градскиот татко Шилегов да признае дека излажал и дека стационарот кој треба да го реши проблемот на граѓаните, се уште не е готов бидејќи во една од халите треба да се спроведе електрика.

-Скоро целосно е готов, останува уште во една од халите да се спроведе електрика, јас мислам дека до крајот на оваа недела целосно ќе завршиме со уредувањето. Агенцијата има закажано контрола на 25-ти септември, со цел да после тоа од кога ќе биде одобрено функционирањето да го ставиме стационарот во полна употреба, изјави вчера Шилегов.

Од друга страна пак, маките на граѓаните продолжуваат со кучињата сктиници, а пријавите за напади од итите можат да се забележат секојдневно во билтените. Граѓаните реагираат дека Градот Скопје и градоначалникот Шилегов, мора да пронајдат долгорочно решение за кучињата скитници, додавајќи дека се исплашени, но и дека стационарот треба да биде хумано место за нив, бидејќи како што велат и кучиња се малтретирани на улиците.

Поради неоговорноста и несериозноста на Шилегов да го реши проблемот со кучињата скитници веќе три години, Градот Скопје во 2019 година исплатил 2.253.261 денари оштета на граѓани каснати од куче на територија на градот, додека за 2020 година, исплатила 7.637.429 денари заклучно до 9 септември.

Главниот град во моментов е без стационар, бидејќи „Вардариште“ кој беше во надлежност на ЈП Комунална хигиена е затворен со месеци. А со ставањето во фунција на стационарот „Лајка“ се очекува да профунционира и 24 часовна шинтерска служба, која ќе ги заловува кучињата за кои ќе добие пријава од граѓаните.