Од општина Сарај информираат дека општинските служби, поточно општинскиот инспекторат, забележал дека на локалниот пат Свиларе-Рашче кој се наоѓа на територија на нивната опшина се изведуваат работни активности, кои се преземени без никаква правна основа и без да се информира општината Сарај, иако овој пат се наоѓа во оваа општина и е под нејзина надлежност. Според информациите на општината, овие активности ги презел градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, пренесува порталот Медиал.мк.
-Целата активност е незаконска и за ова општината презема и ќе презема формални законски активности во насока на информирање на надлежните органи и институции во земјата што се занимаваат со овој случај, како што е Комисијата за спречување на корупција, Министерството за внатрешни работи и други институции, велат од општина Сарај.
Оттаму велат дека ова не е прв обид на првиот човек на Град Скопје да навлегува во надлежностите на оваа општина и дека самата општина ќе ги преземе сите законски активности во поглед на заштита на своите права.