Весникот „Скопско Ехо“ во својот најнов број го анализира ветеното, но и реализираното на градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов во пресрет на заминувањето на 2020 година.
Покрај анализата, „Скопско Ехо“ анкетирал и неколку граѓани кои велат дека не се задоволни од работата на Шилегов, а проектите кои ги ветил се далеку од остварени.
-Времето пролета, а дали Шилегов направи Скопје да полета кон подобар живот? Што е направено, а што не од она што Шилегов им го вети на скопјани во предизборието во 2017 година? Листата на ветени работи не беше мала. Имаше на неа педесетина големи проекти за кои се гарантираше дека ќе бидат направени. Сега, девет месеци пред новите избори споредбата покажува дека најголем дел од нив не се направени. Ќе успее ли Шилегов да стаса и се што вети да направи?, прашува весникот.
Весникот потсетува и на дел од проектите кои Шилегов ги ветил, а му остануваат само уште неколку месеци да ги реализира. Тука се: Гасификација, Комбиниран градски превоз, Град без смог, Универзална сала, Тунел по Кале, Ревитализација на Треска, Функционален кеј, Две нови гимназии, Зелен коридор Серава, Пешачка зона Мал Ринг, Пошумување на Водно, Луна Парк, Уредување на Аквадуктот, Спуштена раскрсница кај „Мавровка“, Колекторски систем, Централен сервис за комунални проблеми, Зелени покриви и вертикално зеленило, Нов мост во Ѓорче Петров на „Илинденска“, Продолжување на „Љубљанска“ со мост, Доградба на „Словенечка“ и на „Хрватска“ , Кружен тек во Сарај, Натпатник „Алкалоид“…
-Не работеше доволно и не верувам дека ќе успее да реализира ни 10 отсто од неговата ветена програма. Потфрли со чистотата, плоштадт и централното подрачје со години личат на пст-воена зона со недовршени градби. Воопштво не го релаксираше сообраќајот. Напротив, створи хаос со симболично премачкување на улиците со асфалт. И за најголемата мака на скопјани, нечистиот воздух, апсолутно ништо не направи. Цел мандат го води на инает со претходната власт за спомениците и нивно рушење, што мене не ме интересира, вели Ванче Митевски за „Скопско Ехо“.
-Трамвај, алтернативен јавен превоз, загадување…ништо од тоа не е реализирано. Ни стопирањето на енормното градење. Единствено нешто што е значајно направено е проширувањето на „Пластичарска“ улица, а и тоа беше готов проект од неговиот претходник. Ништо не реализирал, оценка нула, вели Младен Дабески за весникот.
-Она што се уште е ненаправено за уште 10 години не може да го постигне, а не до крајот на мандатот Со вакво темпо како што прави, ќе биде научна фантастика. Малку се преценил, смета Петар Тофески.
Останува да се види дали на Шилегов ќе му дојде на помош можеби и Дедо Мраз, па заедно некако да се обидат да ги остварат неговите ветувања, заклучува „Скопско Ехо“.