Трајко Славески, носител на советничката листа за Град Скопје на денешниот митинг во Центар, пред граѓаните истакна дека на Скопје му се потребни проекти и создавање на нова иднина, ветувајќи дека Скопје ќе биде град со ред во сообраќајот, безбеден и ефикасен еколошки јавен превоз, како и град со нови можности за младите се со цел да останат и да творат овде.
На Скопје му се потребни проекти. Вистински, реални и остварливи. Не само списоци на желби и празни ветувања за мегаломански зафати. Не само мостови кои што не водат никаде. Ние се зафаќаме со решавање на вистинските проблеми на граѓаните. Размислуваме и планираме стратешки, темелно и долгорочно, а делуваме практично, брзо и сигурно. Град со ред во сообраќајот. Град со безбеден и ефикасен еколошки јавен превоз. Гасифициран град со можност за приклучок во секое домаќинство. Град со десетици илјади метри квадратни нови паркови. Град со нова Универзална сала, нов забавен парк. Град со нови можности за младите да останат да живеат и творат во Скопје. Тоа е Скопје што го сакаме, тоа е Скопје што го заслужуваме. Тоа е Скопје за кое вреди да се бориме, вели Славески.
Славески е дециден и порача дека скопјани повеќе не сакат загадено и уништено Скопје, туку модерен и европски град.
Ние скопјани повеќе не сакаме Скопје да биде валкано, замирисано, загадено, уништено. Не сакаме Скопје да биде во застој, уништено во духот. Ние заслужуваме модерно, вибрантно, европско Скопје. Наместо тоа, ние во изминативе години се соочуваме со градска управа што не може да ги остварува ни основните функции, ѓубрето не може да го собере! Дупките на улиците не може да ги закрпи! Уличните кучиња не може да ги прибере! Не само што ништо ново не создале, туку и она што го имаме не можат да го зачуваат, изјави Славески.
Славески повика на масовна поддршка за заедно со граѓаните да создадат нова иднина и за Скопје и за Џентар.
Крајно е време вистинските професионалци да ја земат работата во свои раце. За да се случат промените и проектите, потребна ни е победа. Потребно ни е убедливо мнозинство во Советот на Град Скопје за да ја реализираме нашата визија за поубав град. Затоа, ве повикувам да ни се приклучите во огромната победа на ВМРО-ДПМНЕ во Градот Скопје и во сите општини. Ајде сите заедно да победиме за да создадеме нова иднина за нашето Скопје. Ве повикувам да гласаме за бројот 7 за Совет на Град Скопје и да избереме нова иднина која ќе ја создаваме сите заедно! Ќе ги победиме неработењето, криминалот и корупцијата! На 17 октомври ќе ја создадеме новата иднина за Скопје, истакна Славески од Центар.