Советот на Град Скопје вчера ја одржа шестата седница на која се изгласа Одлука за давање хуманитарна помош за граѓаните на Украина во износ од 7 милиони денари, како израз на солидарноста на скопјани за граѓаните зафатени од воениот конфликт во таа земја.
На седницата Советот на Град Скопје го констатира престанокот на мандатот на досегашниот членот на Советот Мартин Попов, а го верификуваше и мандатот на Ајсељ Сејфула.
Советниците дискутираа и изгласаа повеќе точки од дневниот ред како Предлог- годишна сметка за Буџетот на Град Скопје за 2021 година, Извештајот за реализација на капиталните инвестиции во Град Скопје, како и Извештајот за реализација на програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Град Скопје.
Дополнително, Советот донесе одлука за формирање на Градскиот штаб за заштита и спасување. Командант на штабот за заштита и спасување е градоначалничката Данела Арсовска, додека началник е Секретарот на Град Скопје, Ѓоко Велковски.
Советот на Град Скопје донесе и повеќе одлуки за ослободување на повеќе јавни институции од обврската за плаќање на надоместокот за уредување на градежно земјиште. Станува збор за ослободување на Универзитетот Мајка Тереза за реконструкција со пренамена на јавен објект на универзитетот, на Општина Центар, во својство на инвеститор, за изградба на детска градинка во населба Пролет, како и ослободува Владата на РМ и Министерството за здравство како инвеститори во проектот за надградба на клиника за хематологија во Скопје, во рамки на клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Советот на Град Скопје на седницата расправаше и донесе одлука Град Скопје да реализира голем инфраструктурен проект за целосна реконструкција на улицата Славка Динкова, општина Кисела Вода. Проектот ќе се реализира преку меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Кисела Вода.Со овој проект се предвидува изградба на атмосферска канализација, целосна реконструкција на коловозот и пешачките патеки, како и поставување на ново улично осветлување.
На вчерашната седница беше изгласана и Програма за одржување на јавната чистота на подрачјето на Град Скопје за 2022 година, со која се дефинирани обемот, динамиката и начинот на одржувањето на јавната чистота, која подразбира организирано и континуирано чистење, поточно метење и миење на јавните сообраќајни површини, како и празнење на корпи за отпадоци кои се поставени по сообраќајниците.