Општина Аеродром испрати соопштение во врска со случајот дека воспитувачка во детска градинка во Аеродром тепала дете.
Соопштението од општина Аеродром, го пренесуваме во целост
Во понеделникот, 5.2.2018 година, родителката Е.Г. (36) од Скопје пријавила кај директорот на градинка во Општина Аеродром дека забележала оток на десниот образ на нејзиниот шестгодишен син. Според изјавата на детето, воспитувачката го удрила неколку пати по десниот образ.
Директорот на градинката ја упатил Е.Г. да го однесе детето во Здравствена установа за да се утврдат евентуални повреди и да пријави во полиција за да може да се постапува по случајот. Од страна на лекар била издадена потврда за констатирани повреди во вид на оток во пределот на лицето. Раководството на градинката оствари разговор со вработената, која го негира инцидентот. МВР во моментов презема мерки за целосно расчистување на случајот.
Општина Аеродром е во постојана комуникација со директорот на градинката, кој наскоро очекува одговор од МВР во однос на случајот. Доколку се утврди вина, веднаш ќе се спроведат соодветни санкции кон посоченото лице.