Горан Герасимовски, градоначалникот на општина Центар, оствари работен состанок со Васко Кичевски, директорот на ЈП Паркинзи на општина Центар околу новата дополнителна дејност која треба да ја добие претпријатието.
Имено, Герасимовски во текот на изборната кампања неколкупати повтори дека ЈП ПОЦ настрана од дејноста за организирање, управување, уредување и одржување на јавните паркиралишта ќе добие дополнителна комунална дејност за одржувањето на јавната хигиена на целата територија на Општина Центар.
„На денешниот состанок разговаравме за првичните постапки кои треба да се направат во ЈП ПОЦ за да се одвои и зајакне секторот јавна хигиена во посебен нов сектор. Првично треба да се дефинира новата структура на претпријатието и постапките за префрлање на хигиеничарите кои се вработени и механизацијата во ПОЦ. Потоа ќе се направи структура за потребните одделенија, број на координатори, поделба на општината на реони и проценка на потребните капацитети. Со ваков пристап ќе бидеме сигурни дека ќе располагаме со доволно ресурси и прецизен план на работа за да ја одржуваме општината чиста. Анализата за структурата на новиот сектор ќе започне да се прави наредната недела, а по одлука на советот ќе се започне со нејзино спроведување“, изјави Герасимовски.
Во меѓувреме се зајакнуваат и механизациските капацитети на претпријатието со нова цистерна за чистење на улиците која треба да пристигне најдоцна до февруари наредната година. Претпријатието треба да добие и три метларки и дополнителна една помала за чистење на пешачките зони.