петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Музика

„Аеросмит“ го најави својот крај со прошталната турнеја

„Аеросмит“ го најави својот крај со прошталната турнеја

Американскиот рок-состав „Аеросмит“ објави повлекување од сцената со турнејата „Peace Out“, којашто, се чини, е и проштална. Групата вчера соопшти дека претстојат нивни 40 настапи низ Северна Америка, со специјалните гости „Блек кроус“. Во известувањето се вели и дека тапанарот Џои Крејмер нема да ѝ се придружи на групата.

„Додека Џои Крејмер останува сакан основачки член на ‘Аеросмит,’ тој донесе одлука да ги одложи настапите на тековната турнеја за да се сосредоточи на неговото семејство и здравјето. Многу ќе ни недостига непогрешливото и легендарно присуство на Џои на тапаните“, соопшти бендот.

Инаку, во 2020 година, Крејмер го тужеше рок-составот за прекршување на договор, велејќи дека му било забрането да настапува откако претрпел „лесни повреди“ претходната пролет. Тој побара забрана за настапи на цела група откако планираа да свират без него на доделувањето на „Музикерс“ личност на годината и „Греми“ наградите за 2020 година, но го изгуби случајот.

Составот „Аеросмит“ е основан во Бостон, Масачусетс, САД, 1970 година и има продадено 150 милиони плочи ширум светот, како и освоно четири „Греми“ признанија. Познати по нивниот хедонистички, див начин на живот, исто како и нивните „рифови“, впрочем, групата беше примена во „Рокенрол-куќата на славните“ во 2001 година. Истата таа година настапија и на полувремето на „Супербоул“ финалето во американско рагби. Новата турнеја ќе биде продуцирана од „Лајв нејшн“ и ќе почне во Филаделфија, САД, на 2 септември, а ќе продолжи во Лос Анџелес, Њујорк, Остин, Сиетл, Чикаго, како и во Торонто и Монтреал, Канада. (МИА)