четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Музика

Државата нема „слух“, а Градот е „глувонем“ за музиката на македонската музичка легенда: Дарио Панковски со концерт ќе одбележува 40 години кариера- „соло“, без ничија поддршка

Државата нема „слух“, а Градот е „глувонем“ за музиката на македонската музичка легенда: Дарио Панковски со концерт ќе одбележува 40 години кариера- „соло“, без ничија поддршка

Дарио Панковски или само Дарио, е еден од оние македонски музички ѕвезди кој цели 40 години гради кариера во континуитет, нижејќи низа од хитови, зашто секоја негова нова песна бргу станува екстремно популарна и мошне слушана или останува една од оние вечни балади за кои велиме дека се евергрини за сите времиња. Како по обичај работи полека, натенане, ама кога нешто ќе сработи, нема шанси тоа да не го убоде таму каде што најмногу треба: И во ушите и во душата и срцата на неговата публика.

Иако неговите песни можеби за некого , особено за „некои од новите клинци“ не се модерни, современи, во духот на времето, ама затоа се безвременски. Полни со страст, емоции, душа исполнета со чувства кои не бледеат, туку само како живи рани притискаат враќајќи ги мислите, што тоа направивме, каде згрешивме, можеше ли да биде поинаку… И во љубовта и во животот. Во нив среќата и тагата се испреплетуваат низ клопчето на животот, наизменично издигајќи го едното чувство над другото и обратно… Како црно и бело, како плус и минус, како почеток и крај, како студена бистра вода и одлежана лута ракија…

Токму затоа, после точно 17 години од незаборавните концерти во култната „Универзална сала“, Дарио и неговиот придружен бенд „Миг 21“, ќе одржат ексклузивен концерт на 17-ти февруари во Македонската филхармонија. Концертот по повод 40 години континуирана успешна кариерата на пејачот кој ги опеа и радоста и тагата залеани и со „Дупла вотка“ и со „Ракија“, а сето ова во рамките на проектите со кои и „Авалон продукција“ слави 30 години постоење… Единствените кои покажаа интерес да бидат поддршка за јубилејот на една од најуспешните и најголеми наши поп ѕвезди. Зашто државата нема „слух“, а град Скопје остана „глувонем“ за музиката на македонската музичка легенда…

„Јас сум вложувал и вложувам во себе колку што ми се можностите, па така од петни жили се трудев овој концерт да го направам. Но, државата не беше заинтересирана, град Скопје не беше заинтересиран, па дури не ми ни вратија одговор зошто и како… Најголемите фирми во Македонија со кои индиректно исконтактиравме исто така не покажаа некој голем интерес, за 40 години константна и успешна музичка кариера“ – изјави меѓудругото Дарио кон крајот на минатото лето во своето интервју за „Репортер“.

“Македонската публика ќе има можност, во блиска средба со македонската поп легенда, да ужива во многуте безвременски хитови изведени во живо со Миг 21, во уште поатрактивни аранжмани од студиските верзии. Влезниците ќе бидат пуштени во продажба од среда (18-ти јануари) од 9 часот наутро онлајн на аvalon.mk и ширум продажната мрежа на Aвалон по цена од: 1.200 денари и Вип влезници по цена од 1.500 денари”, велат од Авалон продукција.