Палестинското движење Исламски џихад од Појасот Газа денеска се закани дека ќе го спречи одржувањето на изборот за Песна на Евровизија, кој почнува за 10 дена во Израел, јави „Тајмс оф Израел“.
Учесниците денеска почнаа да пристигнуваат за натпреварот, кој ќе се одржи од 14 до 18 мај. Се очекува манифестацијата да привлече илјадници туристи во Израел.
„Ќе го спречиме непријателот да успее во одржување на каков било фестивал, чија цел е да му наштети на палестинскиот наратив“, се наведува во соопштението на Исламски џихад, објавено во моментот кога израелските воздухопловни сили започнаа напади врз десетици цели во Појасот Газа, како одговор на тоа што 400 ракети беа истрелани кон територијата на Израел.
Во соопштението се наведува дека „отпорот мора да реагира на агресијата на непријателот и да го изненади“.
Претходно денеска израелската армија го обвини Исламски џихад за поттикнување на моменталното насилство во Газа и во Израел.
Портпаролката на јавниот радиодифузен сервис Кан – локалниот медиумски партнер во организацијата на Евровизија – се обиде да ги смири загрижените дека избувнувањето на насилствата во Газа ќе влијае на музилкиот фестивал, кој треба да се одржи од 14 до 18 мај.
– Подготовките за евровизиските делегации продолжуваат според планираното. Делегациите пристигнаа во Израел и сите се зафатени со натпреварувањето – изјави Шарон Бен Давид.
Таа рече дека организаторите биле во постојан контакт со регионалната команда на израелските одбранбени сили, која не дала никакви специјални наредби поради ескалацијата на насилството во јужниот дел на земјата – далеку од Тел Авив каде се одржува натпреварот.