петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Музика

Концерт на Такси конзилиум во „Паблик рум“

Концерт на Такси конзилиум во „Паблик рум“

Во „Паблик рум“ вечер во 21 часот, во рамките на посветено курираниот музички серијал „Јавна проба“ ќе настапи џез составот Такси конзилиум.

„Јавна проба“ е резултат на потребата за поширока презентација и промоција на квалитетна домашна авторска музика во полето на поп, рок и џез музичка сцена од различна генерација на веќе докажани музичари и надоаѓачки таленти кои издаваат и соработуваат со дискографската куќа ПМГ Рекордингс. „Јавна проба“ е резултат на соработката помеѓу ПМГ Рекордингс и скопски културен простор „Паблик рум“, која на скопската публика ќе и понуда серија на концерти кои ќе се случуваат секој четврток.

Такси конзилиум (Taxi Consilium) е водечки состав на новиот бран на македонската џез сцена. Свежа и вибрантна, ослободена од рамките на самонаметнати канони и силно прогресивно настроена, оваа сцена бележи врвни историски резултати. Од доцните четириесетти, откога постои македонскиот џез, до денес не сме имале вака слободоумна, авантуристичка и потентна генерација. Такси конзилиум се наоѓаат на самата острица на овој нов џез бран, а нивната продуктивност е адекватна на високиот квалитет кој го носат, а е препознаен и кај нас и во светот.

Филип Букршлиев (композитор, гитарист) е добитник на наградата „Најдобар млад џез музичар“ за 2021, доделена од Скопскиот Џез фестивал. Истата таа награда, една година порано ја доби и Андреа Мирческа, препознатлива по својот контрабас. Списокот со имиња на бендот го довршуваат Благојче Томевски на бас кларинет и Драган Теодосиев на тапани.
Нивниот студиски албум „The Essential Sunday Gloom“ (24 издание за ПМГ Џез), е прогласен за еден од најдобрите џез албуми во светот на музичката платформа bandcamp во 2021 година.

Такси конзилиум, како што наведуваат од ПМГ Рекордингс, е од оние бендови кои се совршени да се проследат во живо. Совршен баланс од свирачка бравурозност, мелодиска убавина и импровизаторски излет. Располагаат со смисол за хумор, топол грув и создаваат атмосфера за паметење. (МИА)