На возраст од 95 години, Кубанката Анхела Алварез, годинава како највозрасна латино пејачка ќе влезе во конкуренција за музичарка награда „Греми“, и тоа во категоријата „најдобар нов уметник“.
Во оваа конкуренција Алварез се натпреварува и со 80 години помладата Јарица Мартинез, која има 15 години, со 24-годишниот Шпанец Пол Гран и со 25-годишната мексиканска поп-ѕвезда Силвана Естрада.
Како дете, Кубанката научила да свири на пијано и гитара, вели таа во интервју за „Билборд“. Таа потоа почнува да компонира и пее свои песни, но нејзиниот татко ја обесхрабрувал да се занимава со музика. Алварез се омажила, па денес има четири деца, девет внуци, а станала и прабаба.
Занимливо е тоа што внукот Карлос Хозе Алварез ја убедил повторно да се занимава со музика и да снима песни – нејзиниот младешки сон. Дури лани, Анхела и нејзиниот внук, кој компонира филмска музика, се поврзаа со продуцентот Мишаал ал-Омар и во јули излезе првиот албум насловен „Анхела Алварез“. Првиот албум на новата Латино ѕвезда има 15 песни, меѓу кои и моќната „Un Canto A Mi Cuba“ – ода за нејзината родна земја.
– Овој албум е ремек дело. Нејзината музика и глас се благослов за мене, прокоментира нејзиниот колега и добитник на „Греми“, Хусто Алмарио.
Свеченоста на доделувањето на „Латино Греми“ наградите ќе се одржи на 17 ноември во Лас Вегас.