Пет години по големиот повратнички концерт во сега веќе непостоечката „Метрополис арена“, култната македонска поп-рок група „Меморија“ најавува нов концертен спектакл.
По овој повод членовите на „Меморија“, денес, среда, 13 април 2022 година во градската кафеана „Пелистер“ на градскиот плоштад „Македонија“ во Скопје, со почеток во 12 часот напладне ја одржаа својата прва прес конференција. На неа пред претставниците на медиумите беа соопштени сите детали и поединости за најавениот концерт, кој ќе биде збогатен со специјални гости, како и проследен со специјални светлосни и визуелни ефекти.
Овој пат концертот ќе се одвива под отворено небо, каде за прв пат „Меморија“ ќе свири целовечерен солистички настап на еден стадион, за што е одбран стадионот на АРМ во Градскиот парк во Скопје, каде на 11-ти јуни 2022 год. ќе се одржи најголемата рок ен рол концертна журка во живо годинава.
Прес конференцијата пред бројните новинари од различни македонски медиуми ја отвори и водеше новинарот и ТВ водител Антонио Димитриевски и самиот еден од основачите и некогашен, долгогодишен член на бендот под чија палка ќе се одвива целиот ПР за најавениот концертен ивент.
„Замислена како своевидна „концертна матурска рок ен рол забава на генерациите“… И на оние некогашните, кои паметат многу посреќни времиња и овие сегашниве кои ги живеат најубавите години од својата младост, но и оние чии тинејџерски години допрва доаѓаат, концертот на „Меморија“ ќе биде многу повеќе од само обичен „Open air“ рок концерт. Сплотена енергија на неколку генерации како знак на заедништво и верба во вистинските вредности. И музички и човечки!“ – рече во својата најава Димитриевски по што збор земаа членовите на групата, овој пат осумммина на број: Перо – бас, Цале – тапани, Мичо- гитара, Бане-гитара, Поце – вокал, Ристо-вокал, Валентино-клавијатури и Давор (Јордановски) – клавијатури, кој како некогашен член, специјално му се приклучи на бендот за оваа прилика, доаѓајќи од Канада каде живее и работи последниве години.
Покрај нивните најголеми хитови како „Нена“, „Одам засекогаш“, „Оган под ѕвездите“, „Нашите слики“, „Зошто Боже“, „Дирлада“, „Снежо-Снежана“… кои одново ќе ги слушнеме од големата концертна сцена, на неа како специјални гости ќе се појават уште неколку култни македонски бендови и музичари… Некои кои се’ уште постојат и градат кариера, некои кои односво специјално ќе се соберат за оваа прилика.
„Покрај членовите на „Меморија“ за скопската и македонската публика воопшто, заедно со нас на сцената ќе свират и пејат уште и Ружица и Ивица од „Ареа“, Венко и Сеад од „Конкорд“, публиката ќе има можност да го види и слушне во живо, музичкиот видео омаж за скопјанецот Аки Рахимовски, со можност за уште неколку специјални изненадувања што засега се чуваат во тајна“ – потенцираше лидерот Петар Георгиевски – „Камиказа“.
Секој од членовите имаше свое обраќање каде остави парче сеќавање на минатиот, повратнички во „Метрополис арената“ и свое видување низ куса приказна за следниот голем концерт, на стадионот на АРМ на 11-ти јуни во Скопје, по што тие одговараа и на новинарските прашања.
За крај, двата вокали на „Меморија“, Апостол Поце Икономов и Ристо Sамарџиев, заедно со гитаристот Мичо Божиков во акустична – анплагд верзија ги изведоа за присутните новинари и гости во градската кафеана „Пелистер“ можеби двете легендарни балади на групата: „Нашите слики“ и „Оган под ѕвездите“.
Продажбата на билетите за концертот на „Меморија“ стартува денес, среда 13-ти април од 18 часот преку „Купи карти за се“ и во Југотон -ГТЦ во Скопје.