Животот отсекогаш пишувал романи, во кои се содржани настани кои понекогаш ја испишуваат историјата. Во случајов на групата „Меморија“, музичката, а за некого од нив и човечката.
Долго најавуваниот спектакл навистина тоа и беше. Иако наместо под отворено небо, заради временските неприлики, овој пат под „ѕвезденото небо“ направено од мобилните на публиката и светлосните ефекти во А1 арената – „Борис Трајковски“, каде бендот ја истури сета своја енергија, публиката возврати со невиден фидбек, за заедно да се сплотат музиката и радоста, пркоста и националната гордост, љубовта и емоциите, песната и душата… како никогаш досега!, пишува естрадниот портал Вистина.мк.
Забележливо беше дека членовите на бендот покрај беспрекорната музичка уиграност и знаење, заедно „дишеа“ како еден организам, од кој секој посебно го одработуваше својот свиречки дел, но и несебично даваша дел од себе, од својата сопствена енергија и харизма, кои ја споделуваа со публиката.
Како и во секој бенд пејачот е оној, во кого се вперени сите очи, од чие грло излегува песната, стиховите, оној кој ги нивелира чувставата, ја владее емоцијата, нешто што му доаѓа како јаготка на шлагот од тортата.
Не е спорно, а и општо е познато дека еден од двата вокали на „Меморија“, Апостол Икономов е одличен пејач, врвен вокал, но таа вечер Поце се надмина себе си. Не само заради извонредно испеаниот концерт без ниту еден фалш, или заради сувереното владеење на сцената, на која со неподнослива леснотија на неговиот милозучен, а моќен глас ги изведуваше нумерите… Туку и заради нешто друго, што освен членовите на бендот, уште само малкумина го знеа.
Имено, за време на подготовките и музичките проби, само неколку дена пред концертот на пејачот на „Меморија“ враќајќи се навечер дома му се слошило. Според зборовите на самиот Поце, почувствувал тегоби во стомакот, а веднаш потоа и слабост. Во прв момент помислил дека се работи за замор, а и заради тоа што дента слабо јадел, па дури после пробата седнале на пообемен оброк, па претпоставил дека можеби народски речено, се работи за „прејадување“.
Но, откако пејачот стигнал дома, тегобите станувале се потешки, слабоста се’ поголема, а болката се’ посилна и неминовно било да замине на лекар. Набргу воспоставената дијаноза – акутно воспаление на слепото црево, кое мора под итно хируршки да се отстрани. Со еден збор, неминовна е операција. Реакцијата на Поце во прв момент била: „Никако! За неколку дена имаме голем концерт! Нема шанси заради мене да се откаже после сите овие најави и подготовки“!
Но, како здравје то е пред се’, а животот разбирливо нема цена, Поце морал под итно да „легне под нож“! Хируршкиот зафат за среќа бил успешен и минал без дополнителни компликации, но мирувањето било лекарска препорака која мора да се почитува.
Но, предизвикот е толку голем, влогот уште повеќе, а желбата немерлива, така што вокалот на „Меморија“ Апостол Поце Икономов речиси од хируршка сала, директно се качи на сцената, покажувајќи дека „уметникот и не мора секогаш да биде сосема здрав, за да биде 100% уметник“, откако маестрално го отпеа најдобриот концерт со „Меморија“ само неколку дена по извршената операција.
И тоа со се’ уште свежа рана на отечениот стомак и неизвадени конци, кои заради природата на работата, напорот при пеењето и сценските движења, се заканувала опасност во еден момент и да пукнат.
За среќа, кај пејачот и здравствено се’ мина како што треба, а поп-рок ѕвездата од „Меморија“, надвор од сцената всушност беше многу повеќе од тоа… Поце беше „тивкиот херој“ на вечерта!
Извор/Фото: Вистина.мк – Чапља/Приватна архива