Музичките уметници со светско реноме Влатко Стефановски и Теодосиј Спасов вечер ќе го отворат 39-ти Скопски џез фестивал, што ќе се одржува до 17 октомври годинава.
Познати изведувачи од земјава и од Европа ќе одржат концерти во живо во салата на Националната опера и балет во рамки на фестивалот.
Од земјава ќе учествуваат специјалниот фестивалски проект на Тони Китановски и неговиот „мал биг-бенд“, триото на Сашо Поповски со концертна промоција на новиот албум, како и сосема новата формација на Светлост + Одрон Ритуал Оркестра.
Од Шпанија доаѓаат водечкиот фламенко гитарист Чикуело и не помалку реномираниот пијанист Марко Мезкида, од Австрија култните Радиан, од Хрватска пијанистот Матија Дедиќ, кој ќе одржи соло рецитал со музиката на неговиот славен татко, а фестивалот ќе го затворат легендарните француски браќа Стефан и Лајонел Белмондо со својот квинтет.
Со цел одржување на традиционалните врски на фестивалот со американските и норвешките џез музичари, кои овојпат не можат да патуваат вон своите земји, потврден е онлајн стриминг на три ексклузивни концерти што ќе се случат во Њујорк и Осло, специјално за Скопскиот џез фестивал: триото на Вилијам Паркер, со Ава Мендоза и Џералд Кливер, дуетот Крис Дејвис / Ингрид Лауброк и големиот ансамбл на Тригве Сеим.
Бесплатен онлајн стриминг ќе биде обезбеден за следење на сите концерти на фестивалот што ќе овозможи негова достапност во целиот свет.
Фестивалот ќе се реализира во согласност со протоколот за одржување на концерти во затворен простор, што значи дека во салата на Националната опера и балет ќе бидат дозволени само 220 седишта. Притоа, обезбеден е, првпат, директен телевизиски пренос на сите концерти на националниот сервис на Македонската телевизија што, пак, ќе го направи фестивалот достапен на целата публика во земјата.
Сите детали за програмата на фестивалот и изведувачите се наоѓаат на веб-страницата www.skopjejazzfest.com.mk. Влезните билети за фестивалот ќе се продаваат само онлајн, преку продажната мрежа на mktickets.mk/, а билетарницата на НОБ ќе биде отворена исклучиво за време на фестивалските вечери, и тоа само во случај доколку останале непродадени билети за конкретната вечер.
Програмата на фестивалот годинава опфаќа и промоција на две нови ЦД-изданија на SJF Records: петтата албумска објава на Сашо Поповски Трио и првенецот на групата Next To Silence. Во рамки на фестивалот ќе биде доделена и наградата „Златен Орикс“ за најдобар млад џез-музичар во 2020 година.