вторник, 14. ноември 2023. Вести денес: 0
home Музика

Вејчеслав Поповски освои важна музичка награда: Посветеноста и времето инвестирано во остварување на својот сон секогаш носи успех

Вејчеслав Поповски освои важна музичка награда: Посветеноста и времето инвестирано во остварување на својот сон секогаш носи успех

Вејчеслав Поповски, освои сребрен медал на Меѓународниот натпревар за изработка на виолини – VMAAI 2023 во Тусон – Аризона, САД, во периодот од 3 – 6  Октомври  2023 година.

-Во конкуренција на искусни градители на виолини од целиот свет, ми претставуваше особена чест и задоволство што имав можност да се претставам, а воедно и да освојам награда која за мене претставува големо признание  за квалитетот и нивото кое што сум го постигнал. Сите изминати години и времето кое го посветив за усовршување на квалитетот на тонот на виолината, резултираше со награда и сребрен медал. Горд сум што можам да кажам дека со магичниот тон на мојата виолина кој се разликуваше од сите останати, успеа да се издвои со својата раскошност им да побуди посебно внимание како кај комисијата така и кај  присутните слушатели во салата, изјави ова успешно момче.

За секој млад човек е особено тешко кога ќе одлучи сам да се усовршува без притоа да заврши на некои од познатите академии за градење на гудачки инструменти како што се Кремонската школа во Италија, школата во Митенвалд Германија и многу други, но во исто време е и предност која ти дава можност за слободна креација и поле без граници за создавање на една нова димензија на тон кој со својот капацитет и племенитост ќе ги исполни најголемите светски сали и ќе ги задоволи потребите на врвните виолинисти во надминување на границите на своите изведувачки можности.

-Да се биде дел од ваков настан за мене како млад градител претставуваше голем предизвик, особено што доаѓам од мала земја во која нема голема традиција за градење на гудачки инструменти. Јас решив да започнам сам, но имав голема среќа да го запознаам нашиот познат мајстор Светозар Богданоски на кого сум му бескрајно благодарен и кој за мене е најдобриот градител на виолини во денешно време. Тој веруваше во мене и несебично ми ги отвори вратите и со својата работа и посветеност ме инспирира да постојано ги поместувам границите на квалитетот на моите виолини. Секој успех е проткаен со многу предизвици, многу посветено време и голема верба во тоа што го правиш и сакаш да го постигнеш, но уште поважно за да постигнеш светски успех е поддршката од својата земја, својот народ, институциите и приватниот сектор. Голема благодарност сакам да упатам до Општина Кисела Вода, Град Скопје, ЗЕГИН ДОО Скопје,  ВИНЕР – Виена Иншуренс Груп АД Скопје и  Триглав Осигурување АД, Скопје кои ја поддржуваа мојата работа и веруваа во мене, вели Поповски.