Телохранителот на познатата пејачка Тејлор Свифт наводно се вратил дома во Израел како волонтер да се бори против Хамас, јавуваат американските медиуми.
Талмор Моран, кој ја придружуваше познатата пејачка за време на нејзината последна турнеја, на својот Фејсбук профил објави фотографија во униформа, додека во описот напиша „Јас сум со Израел“.
Тој потоа додаде дека „додека едната страна ги штити бебињата, децата и постарите лица, другата страна ги користи како жив штит“.
-Ќе ги навредуваме животните ако овие луѓе ги нарекуваме животни, но тие не се луѓе. Тие убиваа и касапеа семејства во креветите заедно со нивните миленици, а потоа ги запалија тие куќи. Обидете се да замислите дека такво нешто се случува во вашето соседство. Вашите соседи, семејството или познаниците, напиша тој.
Медиумите пренесуваат дека Талмор по потекло е од Израел, но дека со години живеел и работел во САД, пишува NY Post.
Талмор напиша дека добро живее во САД и дека има работа од соништата што ја сака, одлични пријатели кои му се како семејство и прекрасен дом.
„Не морав да дојдам овде (Израел). Но, не можев да гледам од страна додека некој убива семејства и ги пали во нивните домови само затоа што се Евреи или Израелци“, напиша тој.
Тој потоа додаде дека не само што стои со Израел, туку е и таму.
Медиумите ја контактираа Тејлор Свифт во врска со овие наводи, но таа не сакаше да ги коментира.