На годинашната Стрип-конференција во Сан Диего, САД, ѕвездата на „Борат 2“ (за којшто беше номинирана за „Оскар“), Марија Бакалова го официјализираше своето деби во универзумот на „Марвел“. Имено, таа им се придружи на режисерот Џејмс Ган и екипата на суперхеројскиот филм „Чувари на Галаксијата, 3. дел“ (Guardians of the Galaxy Vol. 3), додека го претставуваа новиот трејлер за вселенската авантура.
– Причината поради која станав обожавателка на продукциската куќа „Марвел“, се „Чуварите на галаксијата“. Има хумор, срце и има мигови кога навистина можеш да плачеш. Да можеш да се приклучиш на последниот дел од овој серијал ми беше најголемиот подарок, изјави бугарската актерка.
Во звучната актерска екипа на третиот дел се и Крис Прат, Зои Салдана, Вин Дизел, Бредли Купер, Карен Гилан, Силвестер Сталоне, Елизабет Дебицки и други познати глумци. Киноприкажувањата се закажани за од 5 мај 2023 година.