Холивудските глумци, како и сите други во светскиот шоу-бизнис, периодов немаат работа поради изолацијата предизвикана од корона-пандемијата. Глумецот и режисер Џон Красински сепак, најде начин да си го пополни времето и да остане актуелен кај своите обожаватели – со Јутјуб емисија во живо.
Режисерот на ланскиот филмски хит „Тивко место“, во својата прва емисија, како гостин го имаше комичарот Стив Карел, со кого неколку години глумеа заедно во американската верзија од хит-серијата „Канцеларија“ (The Office).
Глумците разговараа за актуелната корона-криза, за настанот во чест на здравствените работници којшто се одржа во САД минатата седмица, а се потсетија и на светски познатата серија што доживеа 201 епизода. (МИА)