Роман Абрамович донесе тешка одлука и реши да го стави Челси на продажба, но рускиот милијардер поставил и два важни услови кои мора да бидат исполнети од потенцијалните купувачи за да се комплетира целата операција.
Газда Роман сака да го остави клубот во добри раце и да продолжи на ист пат она што импресивно го градеше во изминатите 19 години, па како што откриваат англиските медиуми, Русинот има две многу важни барања до заинтересираните, наспроти одредената финансиска отштета.
Клубот кој во 2003-та година го купи за 140 милиони фунти сега го продава за 3 милијарди фунти и веќе има дури десетина заинтересирани, но пред да ги разгледа опциите кои ќе ги има на маса, во фокусот се ставаат двата услови кои за него се одлучувачки.
Абрамович ќе бара од новиот газда да продолжи да инвестира во првиот тим и да вложува средства на нови трансфери, но и да гарантира реконструкција на „Стемфорд Бриџ“, нешто што беше во неговите планови кои сепак нема да ги исполни поради новонастанатата ситуација.
Русинот верува дека Челси заслужува подновен и модерен стадион и тој го започна тој проект во 2018-та година, но поради проблемите кои ги имаше со визата и пандемијата со коронавирусот, не дојде до реализација на идејата и сега тоа ќе го бара од новиот газда. Роман сака купувачот да има исти намери како што тој имаше во изминатите две децении, во кои Челси пет пати ја освои Премиер лигата, два пати Лигата на шампионите, а неодамна стана и светски клупски шампион.