Раководството на Арсенал настојува до крајот на јануарскиот преоден рок да го ангажира напаѓачот на Јувентус и српски репрезентативец Душан Влаховиќ, јавија денеска италијанските медиуми.
Според истите извори, лидерот во Премиер лигата одлучил да почне преговори со Јувентус за Влаховиќ, откако лондонскиот клуб не успеа да се засили со украинскиот напаѓач Михајло Мудрик, кој на крајот потпиша за градскиот ривал Челзи за 100 милиони евра.
„Влаховиќ е член на Јувентус, освен доколку не пристигне понуда која сè ќе промени. Арсенал, кој го загуби Мудрик, бара засилување во нападот. Во Торино се подготвени да разговараат за трансфер, но Јувентус може да се откаже од услугите на Влаховиќ само доколку некој клуб плати обесштетување од најмалку 100 милиони евра. Во спротивно Влаховиќ ќе остане во Јувентус најмалку до јуни“, наведува „Калчомеркато“.
Влаховиќ (22) дојде во Јувентус минатата година од Фиорентина за сума од 81.6 милиони евра. (МИА)