Тренерот на премиерлигашот Арсенал, Микел Артета, ги демантираше денеска медиумските наводи дека е меѓу кандидатите за наследник на Роналд Куман на клупата на Барселона.
Каталонскиот клуб во средата му врачи отказ на холандскиот стратег по поразот од Рајо Ваљекано, а се шпекулира дека меѓу кандидатите за негов наследник е Артета, кој своевремено настапуваше за младинскиот тим на Барселона.
– Исклучително сум среќен во Арсенал и привилегиран сум што сум во овој клуб. Фокусиран сум на мојата работа. Многу нешта се случија таму (во Барселона) во изминатите години. Морате да ја надминете состојбата по заминувањето на Лионел Меси, кој долги години беше клучен играч, и знам дека за тоа е потребно време. Се надевам дека сè ќе заврши добро, изјави Артета за британската телевизија „Скај“.