Барселона и Атлетико можат да се договорат за ситуацијата околу Антоан Гризман. Напаѓачот настапува за мадридскиот клуб како позајмен од Барселона. Според условите на договорот, Атлетико мора да го купи Французинот за 40 милиони евра доколку тој помине најмалку 45 минути на теренот во 50% од натпреварите во текот на две сезони.
На шест натпревари по ред оваа сезона, Антоан влезе како замена по 60. минута. Беше објавено дека Барселона е подготвена да го тужи Атлетико во врска со оваа ситуација.
Според „Л’Екип“, опцијата за откуп на напаѓачот би можела да се намали на 25 милиони евра. Преговорите меѓу клубовите по ова прашање се блиску до успешна завршница. Барселона се надева дека ќе ги финализира преговорите за време на репрезентативната пауза.
Кога клубовите конечно ќе се договорат, Атлетико најверојатно ќе му даде поголема минутажа на 31-годишниот Гризман.
Французинот оваа сезона постигна три гола на шест натпревари за Атлетико во сите натпреварувања. (МИА)