Шпанскиот фудбалски првак Барселона соопшти денеска дека на претстојното големо дерби мадридски Реал на дресовите ќе го носи логото на култната англиска рок група Ролинг Стоунс, како дел од спонзорскиот договор со Спотифај.
На дресовите на Барселона претежно стои логото на Спотифај, кој е спонзор на предната страна на дресот, а шпанскиот првак сега усвои сличен пристап како и минатата година кога играчите на дресовите носеа лого на пејачот Дрејк, исто така, во „Ел Класико“.
Дербито меѓу Барселона и Реал е на програмата на 28 овој месец.
Препознатливото лого со усни и исплазен јазик е дело на англискиот уметник Џон Паша, чиј цртеж во 1970 година бил откупен за 50 долари.
„Ние сме големи љубители на фудбалот и ни претставува чест што Спотифај го внесе нашето лого со јазикот и усните да го краси дресот на фудбалскиот клуб Барселона, за да го прославиме објавувањето на нашиот албум „Hackney Diamonds“. Ќе навиваме за играчите на теренот, како и за навивачите ширум светот кои ќе го гледаат овој култен натпревар“, соопшти Ролинг Стоунс. (МИА)