понеделник, 25. декември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Барселона учи од грешките, ја блиндира иднината на клубот

Барселона учи од грешките, ја блиндира иднината на клубот

Барселона потфрли многу во неодамна завршениот преоден рок. Дозволи Атлетико да ги „влече за нос“ цело лето околу Антоан Гризман, на крајот им го врати пред затворањето на преодниот рок за околу три пати помала цена од онаа која ја платија за него со оправдување дека со тоа заштедиле 75.000.000 евра, а не загубиле 130.000.000. Голобрадиот Илаиш Мориба го уценуваше раководството со барање за високи примања и на крајот заврши во РБ Лајпциг, а најголемиот потрес го направи заминувањето на Лео Меси, и тоа откако му истече договорот.

Но, кога еднаш ќе се изгорите, ви доаѓа памет. Тоа го знае и Жоан Лапорта, па во следниот период ќе мора да ги поправи грешките од преодниот рок како знае и умее, бидејќи ангажманот на Лук де Јонг како замена за Гризман сигурно нема да ги залечи раните на навивачите. Меѓутоа, со оглед на тоа дека на трансфер пазарот не може да ги ублажи грешките, што е можеби и подобро ако се земат предвид потезите од претходните трансфер пазари, Лапорта ќе се обиде да спречи нов случај „Меси“.

Имено, како што пишува „Мундо Депортиво“, Барса ќе блиндира тројца од групата највредни играчи во тимот – Педри, Ансу Фати и Усман Дембеле. Најургентна е ситуацијата со француското крило, бидејќи договорот му истекува за девет месеци, во јули 2022 година, а во него има клаузула според која каталонскиот клуб може автоматски да го продолжи. Дембеле и понатаму е повреден, но влезе во последната фаза на опоравување, а кога Французинот е здрав, Лапорта верува дека е способен да го промени текот на натпреварот, поради што даде наредба да се тргне во процес на обнова на соработката. Освен тоа, тој е млад и има место во проектот за „новата Барселона“. Преговорите ќе се водат под посебни финансиски услови, бидејќи состојбата во Барса е далеку од идеална, поради што впрочем и Меси мораше да си оди.

Со Фати спортскиот сектор веќе го имаше првиот разговор во кој му е кажано дека му се подготвува долгорочен договор (актуелниот истекува за една година), со оглед на тоа дека во клубот е виден како предводник во новата ера на Каталонците. Дека и самиот се гледа во таа улога, Фати потврди пред два дена со преземање на огромниот товар кој го носи „десетката“ на Барса, која ќе ја носи по заминувањето на Меси. Во клубот се оптимистични по повод обнова на договорот, бидејќи знаат дека 18-годишниот Шпанец сака да остане, но претходно ќе мораат да најдат заеднички јазик со неговиот агент Жорж Мендеш.

За крај, случајот на Педри се чини многу поедноставен од претходните два – иако и на него му истекува договорот на крајот од сезоната – бидејќи Барселона има опција за автоматско продолжување на уште две години. Меѓутоа, во клубот имаат намера да ја орочат соработката на уште пет сезони и со тоа да му покажат дека на „Камп Ноу“ го гледаат како еден од носителите во иднина.