Габриел Батистута важи за еден од најдобрите напаѓачи кои се појавиле во Италија во поновата историја на Серија А, голгетер кој ја освои титулата со Рома, но кој е симбол за Фиорентина.
Легендарниот аргентински голгетер и натаму ги следи сите случувања на Апенините и со големо внимание го следи развојот на фудбалот во Италија, каде оваа сезона Милан стана шампион по пауза од 11 години.
После многу мрачни години исполнети со потешкотии и големи разочарувања, Паоло Малдини го врати шампионскиот дух како директор на клубот, а непосредно пред истекот на договорот, доби нов и сега ќе продолжи како лидер на спортскиот проект.
Оваа одлука на Милан ја поздрави популарниот Бати-гол, кој со една ретро слика му испрати искрена порака на Малдини.
– Паоло честитики за продолжувањето како шеф на техничката област во клубот кој е твоја љубов. Се надевам дека еден ден повторно ќе се соочиме, секој бранејќи ги своите бои. Испраќам честитики до Милан што го препозна твојот професионализам и она што ти го претставуваш за институцијата, – порача Батистута.