Ден откако Аргентинецот Лионел Меси по осми пат во кариерата ја освои Златната топка, престижниот фудбалски портал „Goal.com“ го издвои англискиот репрезентативец Џад Белингем за прв фаворит за престижното признание во 2024 година.
Белингем ова лето дојде во Реал Мадрид и по воведните 11. кола во Ла Лига е најдобар стрелец во шпанското првенство со десет голови, а додаде и две асистенции.
Младиот англиски репрезентативец на вчерашната гала свеченост во Париз беше прогласен за најдобар млад играч до 21 година за минатата сезона, а според престижниот портал е главен фаворит за Златната топка во 2024.
Втор на листата е Французинот Килијан Мбапе, пред Норвежанецот Ерлинг Халанд, англискиот напаѓач Хари Кејн и најдобриот играч на Ливерпул, Мохамед Салах.
Меѓу првите десет фаворити на листата се и Родри, Хулиан Алварез, Винисиус Жуниор, Букајо Сака и Бернардо Силва.