Тренерот на премиерлигашот Брентфорд, Томас Франк, изјави оти клубот има добри шанси да го задржи во своите редови данскиот играч за врска Кристијан Ериксен (30).
Ериксен на ланското ЕУРО2020 доживеа срцев удар и благодарение на брза лекарска интервенција му беше спасен животот, а подоцна му беше вграден срцев дефибрилатор. Поради правилата во Италија со кои на играчи со срцев дефибрилатор им е забрането да играат фудбал, Ериксен го раскина договорот со Интер и во јануари потпиша договор со Брентфорд.
Откако се врати на теренот, Данецот запиша еден гол и две асистенции.
Британските медиуми објавија дека Ериксен би можел да се врати во Тотенхем и оти за него се заинтересирани и Њукасл и Манчестер јунајтед.
– Јас секогаш верував дека имаме добри шанси да го задржиме. Знам дека тука се чувствува среќен и оти ужива во фудбалот. Тој игра константно на високо ниво и не е никаква тајна дека ќе сториме сè што можеме да го задржиме, изјави Франк. (МИА)