Фудбалерот од средниот ред на Барселона, Серхио Бускетс ја освои својата 32-та титула како дел од Барселона, која предвреме стана шампион на Шпанија. Каталонците синоќа како гости го победија Еспањол (4:2) и обезбедија недостижна предност пред конкурентите за највисок пласман во Ла Лига.
Бускетс стана деветкратен шпански шампион. Има седум победи во Купот и Суперкупот на земјата, трипати ја освои Лигата на шампионите, УЕФА Суперкупот и Светското клупско првенство.
Тој се израмни со Андрес Иниеста. Само Лионел Меси има освоено повеќе трофеи со Барса – 35.
Триесет и четиригодишниот Бускетс не го продолжи договорот со Барселона и во јуни оваа година ќе го напушти клубот како слободен играч.