Барселона го претрпе најубедливиот пораз во оваа 2022 година откако на домашен терен загуби од Ајнтрахт со 1-3, што значеше и елиминација од Лигата на Европа. Германците одиграа извонреден меч, а во прилог им одеше и фактот дека дури 30.000 фанови на Ајнтрахт допатуваа за да ги бодрат своите миленици на овој дуел.
Од овој факт разочарани беа сите во таборот на Барселона, бидејќи гостите успеале да стигнат до билети купувајќи ги од приврзаниците на Барселона кои не покажале интерес да го следат овој меч.
„Искрено, ова не смее да се повтори никогаш повеќе. Ние сме Барселона и кога играме дома мораме да се чувствуваме како домаќини. Ова беше како да е некое финале, со по 50% навивачи на двата тима, што е недозволиво“, изјави Чави, кој и пред мечот испрати апел дека на тимот му е потребна поддршка од фановите.
На истата тема по поразот говореше и претседателот на Барселона, Жоан Лапорта.
„Ова што се случи е срамота, што бараат толку многу гостински навивачи на нашиот стадион. Каде беа нашите навивачи и зошто им ги дадоа своите билети на Германците“, прокоментира Лапорта.