Претседателот на Фудбалската федерација на Франција (ФФФ), Филип Дијало, изјави синоќа дека Карим Бензема е „еден од најголемите француски играчи на сите времиња“ во време кога прославениот фудбалер се најде под жестоки критики од францускиот министер за внатрешни работи за наводни „врски со организацијата Муслиманско братство“.
„Што се однесува до Карим Бензема, сосема искрено, не сакам да се впуштам во таа полемика. Карим Бензема е еден од најголемите француски фудбалери, со огромно искуство, кој ја има освоено Златната топка. И до тоа се држам“, рече Дијало, одговарајќи на новинарски прашања во врска со наводите на францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен.
Обвинувањата од Дарманен на адреса на Бензема дојдоа откако поранешниот фудбалер на Реал Мадрид преку социјалните мрежи ја коментираше војната меѓу Израел и палестинското милитантно движење Хамас.
„Сите наши молитви се со жителите на Газа, кои повторно се жртви на неправедни бомбардирања кои не ги поштедуваат ниту децата, ниту жените“, напиша Бензема.
Поединци, од друга страна, го критикуваа Бензема што не изрази сочувство и кон израелските жртви на злосторството кое го изврши Хамас на 7 октомври.