среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Дешам: Никој не му е лут на Мбапе

Дешам: Никој не му е лут на Мбапе

Деновиве наголемо се проширија шпекулации дека француските репрезентативци му се налутиле на Килјан Мбапе за промашениот пенал кој ја чинеше Франција елиминација од Европското првенство.

Францускиот селектор Дидје Дешам ги демантираше ваквите измислици, категорично тврдејќи дека никој, апсолутно никој, не му замера на младиот Мбапе за промашениот пенал. И нормално, бидејќи во пенал-рулет секој може да промаши.

„Целата група е обединета во соблекувалната. Никој не прави муабет од типот ‘ти го згреши ова’ или ‘ти го згреши она’. Килјан си ја знае одговорноста“, почна Дешам говорејќи пред група новинари во Букурешт.

Мбапе го изведе пеналот од петтата серија на осминафиналниот дуел завчера со Швајцарија, но неговиот удар беше одбранет од голманот Јан Зомер. Така, Швајцарците славеа со 5:4 на пенали, откако по 120 минути игра беше 3:3.

„Иако не постигна гол, Килјан беше одлучувачки фактор во многи наши акции, а потоа ја презеде одговорноста да го изведе последниот пенал. Навистина, никој не му е лут“.

Мбапе асистираше при првиот на Франција кога Карим Бензема израмни на 1:1 во 57. минута.

„Разговарав со играчите, свесни сме за силината на оваа екипа, на овој тим, имавме многу одлични моменти на овој натпревар. Навистина нѐ боли, чувствуваме огромна тага бидејќи имаме многу работи кои ги направивме навистина одлично, но не сите, па оттаму, ако мислиме многу за натпреварот нема да си помогнеме“, заклучи селекторот.

Освен Франција, со елиминација се соочија и великани како Португалија, Германија и Холандија.

„Ова ЕУРО се покажа навистина тешко. Тоа не е изговор. Еве, последниот европски шампион и последниот светски шампион си одат дома, боли, но мора да се помириме“, заврши тој.