Рајо Валјекано полека се претвора во фудбалска енигма за каталонскиот гигант Барселона, кој трет натпревар по ред не успеа да победи против малиот тим од шпанската престолнина. Главен виновник за тоа одново беше Столе Димитриевски кој беше наречен „ѕид“ од педантните статистичари на ОПТА, кои на јавноста и открија дека македонскиот репрезентативец имал десет успешни интервенции и не примил гол на трите последни средби со Барселона. Димитриевски по мечот нагласи дека овој освоен бод е уште позначаен.
– Вистина е дека тука секогаш е многу тешко да не примите гол, направивме голема работа дефанзивно цел тим. На два меча на „Камп Ноу“ не примивме гол, тоа се 180 минути и е навистина неверојатно, – изјави Столе.
– Секогаш го правам најдоброто, работам за тимот и среќен сум што им помогнав. Тешко е да се победи Барса, минатата година ја победивме тука, но сега со сите нови засилувања, успеавме да освоиме бод и тоа што не примивме гол има многу поголемо значење денеска. Ова е Ла Лига, ние сме Рајо Валејкано и знаеме дека треба да страдаме на вакви натпревари. Секогаш треба да се бориме и пред секој натпревар на соиграчите им велам дека треба да се забавуваме додека страдаме. На крајот го направивме тоа и заслугата е за сите што ја сочувавме мрежата. Среќни сме, имавме план и го остваривме, освоивме бод и среќни сме со тоа, – изјави херојот Димитриевски.