Најдобриот македонски голман и репрезентативец е незаменлив меѓу стативите на Рајо Ваљекано, а поради неговите одлични настапи во шпанските медиуми се заинатересирани за него. Во последното свое интервју за медиумите во оваа земја тој зборуваше за теми кои не се поврзани со фудбалот и откри дека имал тешко детство.
Димитриевски се наврати на 2001 година, кога поради воениот конфликт во Македонија неговиот татко заминал да ја брани државата.
„Војната? Се сеќавам дека двајцата чичковци дојдоа во нашата куќа и го зедоа татко ми. Бев во дневната соба, беше ноќ и беше многу компликувано. Дојдоа со некаков лист хартија кој беше задолжителна наредба и го одведоа да ја брани татковината. Тоа беше голем шок за цело семејство и ние потоа отидовме во куќата на мојата баба, зашто таму беше посигурно. Македонија многу патеше, но денес има простор за напредок и раст“, вели Столе.
Македонскиот голман додава дека тој период му го променил животот.
„Тој период траеше скоро една година и татко ми го видов неколкупати. Бев мал, но гледав тенкови и тоа беше шок за мене. Беше тешко, зашто знаеш дека нешто не е во ред. Но, татко ми имаше среќа зашто не беше во најопасните подрачја. Животот многу ни се смени во тој период. Во спортот немав толку тешки периоди, зашто веќе искусив потешкии. И ги прифатив, преминав над нив и продолжив со мојата цел. Мојата цел не беше да живеам од фудбалот, туку на семејството да му овозможам подобар живот. Тоа беше моја главна цел. На 17 години потпишав за Удинезе, потоа заминав на позајмица во Гранада и Кадиз го учев јазикот и се прилагодував и напредував многу брзо. Не наидов на некои големи тешкотии“, изјави Димитриевски.